Само два дена не делат од почетокот на карневалските свечености во Струмица кои ќе почнат со една убава традиција, а тоа е симболичното предавање на клучот на градот од мои раце во рацете на струмичките карневалисти, па од тој момент ќе следуваат осумдневни бројни интересни содржини, меѓу кои и големиот Струмички карневал, в сабота на 5 март, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на која заедно со претседателот на Организацискиот одбор, Александар Цицимов, ја претставија програмата на годинашните карневалски празнувања.

Костадинов додаде дека по пауза од две години заради пандемијата од Ковид-19, на голема врата се враќа големиот и надалеку познат Струмички карневал.

– Треба да се каже дека дури и во тие изминати две години „принудна апстиненција“ од Струмичкиот карневал, сепак организаторите се погрижија со одредени алтернативни содржини да ги одбележат карневалските денови, но еве годинава повторно ќе бидеме сведоци на сите нишани кои го сочинуваат ова наше традиционално празнување под маски, истакна градоначалникот Костадинов.

Тој информираше дека Министерството за култура годинава нема издвоено пари за поддршка на Струмичкиот карневал, освен од Општината од каде се доделени средства во висина од 1 милион денари.

-Разговараме со Министерството за поддршка на Струмичкиот карневал како вековна традиција, како еден од шесте највозбудлуви настани во Европа и еден од дваесетте најдобри улични карневали во светот. Во моментот од буџетот на Министерството за култура не се издвојуваат средства за карневалот. Јас сум оптимист дека со тек на време министерката за култура и целото министерство ќе најдат начин оваа наша вековна традиција да биде поддржана, рече Костадинов.

Претседателот на Организицискиот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов ја презентираше програмата на годинашните карневалски празнувања, кои почнуваат на 2, а завршуваат на 9 март. Тој информираше дека и покрај првичната одлука да нема настап на карневалски групи од странство, сепак ќе продефелираат карневалисти од Лесковац, Србија и од Кукуш и Солун од Грција, а ќе присуствуваат и претставници на национални карневалски градови и федерации со кои Струмичкиот карневал има соработка, а најави и присуство на претседателот на Интернационалната карневалска федерација, Швеганецот Ларс Алгел.

Организаторите потенцирара дека сите настани ќе се одвиваат според КОВИД протоколите и упатија апел до сите учесници и посетитили да ги почитуваат овие протоколи.