Ја почнавме постапката за збратимување со Венеција. Имаме многу точки на соработка, а Струмичкиот карневал е една од нив, како и средновековието, информираше градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов по завршувањето на официјалната посета на Венеција.
Според него продлабочувањето на соработката се должи токму на струмичкото чудо, Струмичкиот карневал.
-Тој е основата за збратимување на Струмица и Венеција, но и споделувањето на средновековниот период. Знаете дека во тоа време, во 15 век, Венцијанската република имала многу трговци во овој регион, а затоа сведочат и 80 пронајдени венецијански монети на локалитетот Цареви кули. Ќе формираме работна група во рамки на Општина Струмица, која ќе почне постапката за збратимување со градот Венеција, рече Костадинов.
При посетата на Венеција струмичкиот градоначалник беше примен од претседателката на Советот на градот, Ермелинда Дамиано.
Во возвратна посета на Струмица делегација од Венеција треба да дојде по завршувањето на тамошниот карневал и тогаш треба да се очекува и формализирање на збратимувањето.