Над стотина граѓани од Кочани наскоро ќе можат да конкурираат за субвенции од општинскиот буџет за набавка на велосипед, за што локалната самоуправа обезбеди 350 илјади денари, со вклучени средства за исплата на персоналниот данок.
Советот на Општина Кочани веќе даде согласност на одлуката со која, на граѓаните кои ќе купат нов велосипед, ќе им биде надоместен дел од трошоците во висина од по три илјади денари, како нето износ по барател.
-Барање за субвенција може да поднесе само едно полнолетно лице од едно домаќинство, кое треба да е жител на општина Кочани и да има платен данок на имот за станбениот објект во кој живее. Велосипедот треба да е купен во периодот по објавувањето на повикот за финансиска поддршка, а субвенционирањето ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“. Условите и начините на поднесување на барањето за субвенција ќе бидат објавени на општинската веб-страница, а соодветна комисија ќе изврши увид во поднесената документација, по што ќе следува исплатата на средствата, се истакнува во одлуката што ја изгласа Совбетот на Општина Кочани.
Распределбата на средствата ќе се реализира се до нивното исцрпување, а целта на Општината е да ја подигне јавната свест за намалување на аерозагадувањето, односно да го поттикне еколошкиот превоз во урбаните средини, како замена на користењето автомобили и други моторни возила.
Субвенционирањето на набавката на велосипеди е една од мерките од општинската Програма за заштитата на животната средина во 2022 година, во која е вклучена и финансиската поддршка за набавка на инвертер климатизери и печки на пелети.