Во текот на викендов, исчистени се комплетно сите паркови и јавни зелени површини од смет и отпадоци, информираат од ЈКП „Дервен“.
Воедно апелираат до граѓаните да бидат совесни и да не фрлаат смет по нив, туку во корпите за отпадоци поставени насекаде низ градот.
Воедно Дервенци и понатаму продолжуваат со акцијата – чистење на дивите депонии низ градот, по пријава добиена од граѓаните.
По пријава од граѓани, исчистена е дива депонија во населбата Дворови, на ул. „Благој Нечев“, до трансформаторот на ЕВН. Собрани се шест метри кубни смет и гранки.
Во текот на викендов завршено е чистењето на пристапните патишта кон Велес, од населбата Шорка до вулканизар Дине и од бензиската пумпа на Мак Петрол до населбата Речани.
– Акцијата продолжува и понатаму, најавуваат од ЈКП„Дервен“, а воедно апелираат до граѓаните за соработка со нив и совесно однесување на јавните површини низ градот, во интерес на заложбата за почист и поздрав град за живеење.
Во разговор за МИА, граѓаните на Велес бараат итно воведување на комунална инспекција, која ќе може и да ги казнува несовесните кои фрлаат насекаде комунален и друг смет по градот. Велат дека сегашната работа на комуналните редари кои само ги опоменуваат граѓаните, а немаат ингереции и да казнуваат, за жал нема никаков ефект врз несовесните граѓани кои и понатаму секојдневно создаваат нови диви депонии на сите јавни површини во градот, а воедно ја уништуваат урбаната и друга опрема поставена низ градот.