Британскиот премиер Борис Џонсон го осуди руското гранатирање цивили, откако беше објавено дека најмалку 11 лица се убиени во вториот најнаселен град во Украина, Харков.

Кабинетот на Џонсон соопшти дека во разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски „лидерите категорично ги осудија варварските воздушни напади што ги спроведува Русија против невини цивили, вклучително и деца“.

Најмалку 11 лица загинаа во руско бомбардирање врз станбени области на Харков, вториот по големина град во Украина на границата со Русија, соопштија денеска локалните власти.

„Рускиот непријател бомбардира станбени области. Поради бомбардирањето, кое се уште трае, не можеме да повикаме спасувачки служби… Во моментов има 11 загинати и десетици повредени“, објави на социјалните мрежи регионалниот гувернер Олег Синегубов.

Русија рано утрото на 24 февруари изврши напад врз Украина. Операцијата на Русија беше осудена од меѓународната заедница, а западните земји воведоа економски санкции кон Москва како одговор.