Воениот експерт Томас Виголд изјави дека рускиот потенцијал за одвраќање не е ограничен само на нуклеарно оружје и додаде дека е важно да има директни канали за комуникација како што некогаш постоел „црвениот телефон“, пишува денеска Дојче Веле.

– Најавата на рускиот претседател Владимир Путин дека го става на готовност оружјето за одвраќање е јасен заканувачки потег против земјите на НАТО, истакна Виголд.

Оружјето за одвраќање не го вклучува само руското нуклеарно оружје, туку и хиперсоничното, нагласи воениот експерт, додавајќи дека она што е заедничко за овие оружја е дека „одбраната од нив е тешко можна“.

Виголд потсети дека Русија слично се закануваше и по анексијата на Крим во 2014 година, но додаде дека не е можно „вистински да се процени што навистина се крие зад тоа, што тоа навистина значи во моментов“.

Според него, за да се смири ситуацијата, потребно е да се водат што е можно директни разговори, САД и НАТО од една, и Русија од друга страна.

Во текот на Студената војна беа воспоставени начини за меѓусебен разговор, механизми за избегнување конфликт.