Општинската зграда во Крива Паланка синоќа блесна во боите на ретките болести, со што и официјално, по првпат, Општина Крива Паланка се вклучи во одбележувањето на Меѓународниот ден на ретки болести, 28 февруари, давајќи поддршка на националаната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, а со тоа и на лицата кои боледуваат од ретки болести.
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на ретките болести во Крива Паланка, деновиве се случуваат низа активности, а координатор и иницијатор за приклучување кон националната кампања е професорката Лариса Жулина- Митовски од ООУ „Јоаким Крчовски”, Крива Паланка.
-Основна цел на оваа кампања е да ја подигнеме свеста, да покажеме солидарност и да дадеме поддшка на лицата кои страдаат од ретки болести, на нивните семејства и негуватели, здравствените работници и претставниците и на општата јавност, рече Жулина-Митовски.
Во рамки на оваа кампања денеска во петнаесет часот во просториите на Европската куќа (Europe House) Крива Паланка, ќе се одржи панел дискусија на тема „Ден на ретките болести“, а панелист ќе биде Гордана Лолеска, претседателка на здружението ,,Ретко е да си редок“.