Советот на Општина Битола како основач на ЈОУ Зоолошка градина-Битола ја прифати и одобри амбициозната програма за работа на установата во 2022 година.

Според програмата, веднаш со подобрувањето на временските услови, во Зоолошката градина ќе почне изградба на ограда со бетонски блокови во висина со која ќе се затвори погледот од Зоолошката градина кон Буковски гробишта кои се во непосредна близина на установата и од каде што велат, со цела почит кон вечните живеалишта на наши сограѓани, сепак Зоолошката градина е катче кое е наменето за најмладите и не е пријатно да бидат сведоци на потресни слики и ситуации.

Со инвестициската програма на ЈОУ Зоолошка градина-Битола предвидено е реконструкција на живеалиштето на тревопасните животни кое е во очајна состојба, како и реконструкција на фонтаната што се наоѓа во централниот дел на градината.

– Во рамки на фонтаната планирано е живеалиште на фламингоси за што веќе преговараме – посочуваат од ЈОУ Зоолошка градина-Битола.

Во текот на годината во битолската Зоолошка градина ќе се интензивира едукативната програма за млади, соработка со средни стручни училишта, како и со високообразовни институции, но и со зоолошки градини од регионот со кои ќе се врши размена на животни со цел зголемување на збирката.