Штипскиот Основен суд и уште неколку судови во државата се погодени од енергетската криза, од причина што добавувачот на електрична енергија еднострано им го раскинал договорот, посочи на денешната прес-конференција претседателот на Основниот суд-Штип, Ѓорѓи Андонов.
Тој направи споредба, ако во декември 2020 плаќале 35.000 денари, во декември 2021 година кон ЕВН треба да помират сметка од околу 250.000 денари. За два месеци декември и јануари долгот за струја на оваа институција е речиси 500.000 денари.
– Во план е да побараме и судска заштита, односно да поведеме спор кон правното лице, коешто го раскина едностраниот договор и сметаме дека на тој начин ни е нанесена штета, вели Андонов.
Забележа дека распишан е тендер за избор на нов добавувач на електрична енергија, а денеска е отварањето на понудите.
Најголем проблем на Основниот суд во Штип останува бројот на судии, но и на судска администрација. Според систематизацијата во овој суд треба да се вработени 120 лица, од кои 19 судии, но во моментов состојбата е вработени се над 80 лица од кои 14 судии со претседателот на Основниот суд-Штип и судија кој во моментов е член на Судскиот совет.
– Во текот на оваа година имаме случај на заминување на троца судии во пензија, а имаме избор на само еден судија. Ова ќе се надмине со една подобра работа на судиите, мислам на поголем ангажман, иако би било подобро сите предвидени места се исполнети со судии. Тука се појавува проблем и со делигирањето на судиите, бидејќи во одредени судови, а посебно во Апелационото подрачје на Штип имаме навистина недостаток на судии. Така да од одредени судови се делегираат во други помали судови и тоа доведува и дополнително го оптоварува нашиот суд, вели Андонов.
Претседателот на штипскиот Основен суд на денешната прес-конференција истакна дека ја имаат оценката за ажурен и ефикасен суд, а совладаниот прилив на предмети е зголемен за 35 %, во споредба со 2020 година.
– Морам да потенцирам дека карактеристично за нашиот суд е зголемениот број на предмет, коишто ги имаме од областа на работните спорови и тие се движат во бројка од над 1.000 предмети, константно веќе неколку години и тоа претставува дополнителен товар на судот, за којшто засега успешно се справуваме. Меѓутоа во 2022 година се очекува пензионирање на тројца судии, а прием на еден судија. Така да оваа година ќе се соочиме со проблемот на потешко справување на приливот на предмети, вели Андонов.
Најголемиот прилив на предмети од работните спорови доаѓаат од вработените во АРМ, кои го тужат својот работодавец за неисплатени додатоци, пред две години ваков прилив на предмети имале од вработените во Полицијата, но како што беше посочено на прес-конференцијата од оваа институција намален е бројот на тужби од вработените.
Зголемен е бројот и на прекршочни предмети, оваа бројка изнесува 3.800, за што Андонов вели дека полициските службеници на МВР ги санционираат возачите за сообраќајни прекршоци. Забележа дека судот одлично се справил со пандемијата, ниту еден ден не бил затворен и сите судења се реализирале согласно планот. Најави дека судиите ќе имаат нова судница, а штипскиот суд ќе биде и дел од петте судници во земјава, кои ќе бидат дигитализирани и од која ќе може да се реализира онлјан судење. Во текот на годината се очекува и набавка на нови компјутери и опрема, а во делот на транспарентноста и отчетност сите барања се одговорени навреме.