Делегацијата на Европската Унија во Србија, во соработка со „Њу момент – њу идеас компани“ од Белград и во партнерство со Советот за култура на Нови Сад и фондацијата „Нови Сад 2022“ организираат проект за млади уметници на возраст од 18 до 35 години, насловен „Нацртај ми ја иднината на Европа“. Проектот е наменет за уметници од целиот регион на Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија.

-Преку муралот и активната вклученост во културните активности што ќе се случуваат во Нови Сад, избраните уметници ќе го демонстрираат својот креативен квалитет, нивната визија за заедничката иднина на европскиот континент, како и способноста да се осврнат на општествено значајни теми, информираат организаторите на настанот.

Заинтересираните учесници можат да се пријават на следниот линк, а конкурсот е отворен од 25 февруари до 18 март.

За време на престојот во Нови Сад, во период од 18 април до 9 мај, осум уметници заедно ќе сликаат на ѕид на „Кејот на жртвите на рациите“. Муралот официјално ќе биде промовиран во рамки на одбележувањето на 9 мај – Денот на Европа.

Македонските уметници коишто сакаат да учествуваат во проектот треба да пополнат формулар за пријавување, да поднесат кратка биографија, своето уметничко портфолио, како и скица од нивната визија на темата на futureofeurope.newmoment.com. На истата веб-страна тие ќе можат да се информираат за деталите поврзани со пријавувањето на иницијативата, како и за настаните за подготовка и за изработка на муралот.