Албанските владејачки социјалисти до пратеничките групи од другите политички партии и коалиции доставија Предлог-резолуција „За поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и почитување на начелата на меѓународното право“.
-За Предлог-резолуција претходно се консултиравме со министерството за Европа и надворешни работи, а сега ги консултираме и пратеничките групи, парламентарната комисија за надворешна политика а ќе се расправа на пленарна седница на албанскиот Парламент, каде истата ќе биде изгласана, објави на Фејсбук Таулант Бала координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија.
Документот се очекува да биде на дневен ред на утрешната пленарна седница на законодовниот дом.
Доцна синоќа албанскиот претседател Илир Мета откако го поздрави изгласувањето на Резолуцијата од страна на Европскиот парламент, со која се осудува агресијата на Русија врз Украина и побара ваков документ да донесе и албанскиот парламент.
-Го повикувам албанскиот Парламент преку резолуција, јасно и без одлагање да ја изрази својата волја против инвазијата на Украина, слично на другите земји од НАТО и ЕУ, побара Мета од законодавниот дом.