Компанијата „Гастрејд“ соопшти дека поднела барање до Регулаторната управа за енергетика на Грција за нова лиценца за самостоен систем за природен гас (INGS).

Новиот проект „Thrace INGS“ ќе се состои од пловечка единица за складирање и регасификација и ќе се развива на Тракиското Море, покрај брегот на Александрополис.

Пловечката единица за складирање и регасификација (FSRU) ќе има капацитет за складирање од 170.000 метри кубни течен природен гас и ќе може да испорачува најмногу 22,7 милиони кубни метри дневно или 5,5 милијарди кубни метри природен гас годишно. Проектот ќе вклучува и воден и копнен цевководен систем што ќе ја поврзе пловечката единица за складирање и регасификација (FRSU) со постојните копнени цевководи за пренос на гас во областа.

– Проектот ќе ја зајакне енергетската безбедност и диверзификација на изворите и рутите за снабдување со гас во Грција и целиот регион на Југоисточна Европа и материјално ќе го намали секој ризик од прекин на снабдувањето, велат од компанијата.

„Гастрejд“ е првата компанија во Грција која доби лиценца за Самостоен систем за природен гас за „терминал за течен природен гас Александрополис“ за којшто неодамна беше донесена конечната одлука за инвестирање и сега е во фаза на нејзина имплементација со план да биде во функција кон крајот на следната година. Проектот е вклучен во Оперативната програма на Националната стратешка референтна рамка (NSRF) „Конкурентност, претприемништво и иновации 2014-2020“.

Постојните акционери на „Гастрејд“ се основачкитe акционери Елмина Копелузу, ГасЛог Инвестиции Кипар Лтд (GasLog Cyprus Investments Ltd), ДЕПА Комерцијал СА(DEPA Commercial SA), Булгарстрансгас ЕАД (Bulgartransgaz EAD) и ДЕСФА СА (DESFA SA) секој со по 20 проценти.