Во организација на Центарот за култура Крива Паланка, денеска во библиотеката „Кочо Рацин” во рамки на установата се одржа еднодневен саем на книга во соработка со издавачката куќа „Сакам книги”.
На саемот граѓаните на Крива Паланка можеа да набават книги со триесетпроцентен попуст, а интересот за купување книги беше голем.
– Секогаш се трудиме да им бидеме достапни на читателите во останатите градови, не само онлајн и не сме само во Скопје, зашто поголемите саеми најчесто се во Скопје. На овие еднодневни саеми ги носиме најновите изданија,од околу 250, ние носиме околу двесте, така што со попустот им овозможуваме на сите љубители на книги да си купат најнови наслови по пристапни цени. Поголем интерес за купување има во градовите во кои нема класични книжарници, изјави Катерина Павловска од „Сакам книги”.
Од НУЦК Крива Паланка информираат дека во претстојниот период ќе се реализира соработка и со останатите издавачки куќи.
– Денешниот саем, иако еднодневен, понуди одлична можност за читателите од градот да ги збогатат своите домашни библиотеки. Ние како установа постојано овозможуваме нашите читатели да имаат широк спектар книги што ќе можат да ги изнајмат од библиотеката, така што во два наврата оваа година го збогативме книжниот фонд со близу стотина нови наслови, изјави директорката на НУ Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.