Во просториите на Домот на култура „Марино“, во присуство на градоначалникот Александар Георгиевски и претставници на Црвениот крст на Македонија, првпат во општина Илинден беше отворена канцеларија на хуманитарната организација Црвен крст.
Како што соопштија од Општина Илинден, главна цел на отворањето на оваа канцеларија е хуманитарните услуги да бидат поблиску до граѓаните, како и намалување на човечкото страдање и градење силни механизми за намалување на последиците од хуманитарните предизвици.
За време на отворањето на канцеларијата е потпишан Договор за соработка меѓу Црвениот крст на Македонија и општина Илинден. Целта на овој договор е воспоставување на заеднички иницијативи и нивна реализација, како и обезбедување на меѓусебна поддршка, заеднички настап и координација во делувањето на реализација на програми и проекти од надлежност и интерес на потписниците.
-Потпишувањето на овој договор, отворањето на канцеларијата, како и формирањето на основната организација Илинден, е плод на долгогодишната успешна соработка во промовирањето на солидарноста меѓу Црвениот крст и Општина Илинден, стои во соопштението од Општина Илинден