Советот на Општина Битола донесе одлука за отстапување на одржувањето на најголемите фонтани во градот.

Станува збор за фонтаната „Филип Втори Македонски“ што се наоѓа на плоштадот „Магнолија“, фонтаната „Шадрван“ пред Јени Џамија и фонтаните пред битолскиот Музеј.

Битолските советници одлучија ЈКП „Водовод“ да го врши одржувањето на фонтаната „Филип Втори Македонски“ која е направена во вид на штит кој се подигнува и ротира, а навечер водените млазови низ светлосни и музички ефекти отскокнуваат, како и одржувањето на фонтаната „Шадрван“ со централен водоскок која датира од отоманскиот период и се наоѓа пред Јени Џамија.

Со одлука на Советот на Општина Битола одржувањето на фонтаните, парковата површина и клупите кои се наоѓаат пред Музејот во овој град, ќе го врши ЈП „Комуналец“.