Вчера во хосписот „Сју Рајдер“ во Битола официјално беше отворена и пуштена во употреба новата дневна болница со специјалистичко- консултативна интернистичка амбуланта. Здравствените услуги на дневната болница ќе може да ги користат и надворешни пациенти преку упат од матичен лекар и преку системот Мој термин со што ќе се олесни притисокот и чекањето кај веќе постоечките интернисти во градот.

Дневната болница ќе им овозможи на палијативните пациенти да ја избегнат институционализацијата и на пациентите ќе им овозможи најтешката фаза од лекувањето да ја поминат во топлината на сопствениот дом, опкружени со семејствата. Во скоро време пациентите ќе добиваат и здравствени услуги во доменот на физикалната медицина, неврологијата, вклучително и биохемиска лабараторија.

Инвестициите за отворање на болницата во еден дел се обезбедени со донација добиена со поддршка на поранешната градоначалничка на Битола г-ѓа Наташа Петровска во висина од 10 000 евра со кои се спроведе реконструкција на постечка просторија од 6 кревети, соба за мониторирање и интервенција. Мебелот и останатата опрема се од американска црква од Охајо, а дел од средствата се во сопственост на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „11 Ноември“ во Скопје, во чиј склоп работи Хосписот во Битола.

,,Со промоција на услугите кои може да се добијат нашата институција, се' повеќе се зголемува и интересот за нивното користење. Со развојот на оваа единица стануваме поефикасни во одговарањето на здравствените потреби на пациентите '' ова го потенцираше директорката Д-р Салија Љатиф Петрушовска.

На отворањето на новата дневна болница присуствуваше заменик Градоначалникот на Општина Битола и заменик министерот за здравство Владимир Рендевски. „Во овие хоспис центри се лекуваат и згрижуваат пациенти на кои им требаат дологотрајна грижа, и посебно во овој период на ковид пандемија нивното лекување и прегледи е доста отежнато кога треба да се префрлуваат од стационарниот дел во болниците и останатите здравствени установи. Не само за надворешните, ова е олеснување и за пациентите кои тука се згрижени. Најавата за отворање на други специјалистички амбуланти ќе го подигне нивото на здравствена заштита и на квалитетот на престојот на пациентите“, истакна заменик министерот за здравство Владимир Рендевски.