Собранието на Косово денеска, со 94 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ изгласа резолуција со која се осудува агресијата на Русија врз Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратениците, исто така, бараат од Владата на Албин Курти да создаде услови за прием на пет илјади бегалци од Украина.

– Собранието на Република Косово најостро ја осудува незаконската, неиспровоцирана и неоправдана воена агресија на Руската Федерација врз Украина, како и учеството на Белорусија во оваа агресија, се вели во резолуцијата.

Во неа исто така се осудува “ставот и однесувањето на мал број земји кои застанаа на страната на рускиот терор и агресија врз Украина, поаѓајќи од северниот сосед, Србија”.