Дел од жителите на село Пласница во наредните пет до шест месеци ќе го решат проблемот со отпадните фекални води, бидејќи при крај е изградбата на пречистителна станица за отпадни фекални води за 1600 жители. Паралелно со пречистителната станица, за половина село ќе биде изградена и нова канализациска мрежа, од каде фекалните води ќе се одведуваат во новата пречистителна станица, што се гради во близина на реката Треска.

– Село Пласница наскоро ќе добие нова пречистителна станица која до средината на март ќе биде целосно завршена и ќе ги преработува отпадните фекални води на 1600 жители. Пречистителната станица ќе биде од турска технологија и од монтажен тип и ќе чини 5.500.000 денари, изјави градоначалникот на Општина Пласница, Алија Јаоски.

Тој посочи и дека со цел да се доведат отпадните фекални води до пречистителната станица, наскоро ќе започне и изградба на нова канализација во дел на селото од каде ќе се упатуваат фекалните води до пречистителната станица и нагласи дека средствата за изградба на фекална канализација се обезбедени од Светска банка во износ од 166.000 евра.

Јаоски потсети и дека средствата за пречистителната станица се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа во износ од 90.000 евра и најави дека за целосно да се реши проблемот на селото со отпадните фекални води, во блиска иднина ќе биде изградена уште една пречистителна станица со слична големина и фекална канализација во преостанатиот дел од селото, со што целосно и трајно ќе се реши овој проблем.