Екипи на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ денеска го исчистија локалитетот Горна порта, пристапните патеки околу ѕидините на Самуиловата тврдина и шумскиот појас на овој потег.
Претпријатието информира дека од овие локации се подигнати големи количини расфрлан комунален отпад.
Нивни екипи ги расчистиле и дивите депонии во близина на специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и на улицата „Марко Цепенков“.
Според соопштението, екипите на „Паркови и зеленило“ работат на тековно одржување на дрворедот по булеварот „Туристичка“, на потегот од кружниот тек кај гимназијата до пресекот со улицата „Даме Груев“.
-Упатуваме апел до граѓаните, заради безбедно спроведување на активностите, да се воздржат од паркирање на автомобили на овој потег во периодот 8 до 13 часот секој работен ден до 10 март, порачуваат од Охридски комуналец.