Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска додели договори за стипендирање на ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби, кои учат и студираат во државни или приватни училишта и универзитети.

Вкупно ќе бидат стипендирани 31 лице во период од девет месеци во учебната 2021/22 година, по 1.500 денари месечно за ученици и 3.000 денари за студенти.

Вакви стипендии, како што истакна Пецаков, се воведени прв пат во Програмата за социјална и здравствена заштита на Општина Охрид и се финансирани од општинскиот буџет.

– Оваа поддршка значи почеток на една поголема соработка и обезбедување подобри социјални услови за лицата со ретки болести и посебни потреби, како и за нивните семејства, рече градоначалникот.

Според него, Општина Охрид во согласност со можностите и законските регулативи за социјална заштита континуирано обезбедува поддршка на здруженијата и иницијативите за поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството.

Иницијатор за воведувањето стипендии на лица со ретки болести и посебни потреби е здружението „Ретко е да си редок“, чија претседателка Гордана Лолеска изрази надеж дека оваа мерка на охридската локална самоуправа ќе служи како пример за останатите општини во државата, во насока на помош и поддршка за лицата со ретки болести и посебни потреби.