Градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски заедно со претставници на НУ Завод и Музеј-Битола остварија работна посета на соседна Грција, каде во тамошната Општина Преспа, се одржа третиот технички состанок во рамки на проектот „Света Вода“.
Домаќинот на средбата, градоначалникот Панагијос Пасхалис и ресенскиот градоначалник Тозиевски беа информирани од експертите за текот и динамиката на проектот.
-Задоволни сме од постигнатото и очекуваме во текот на оваа година проектот да се реализира според планираното. Но, со градоначалникот Пасхалис разговаравме и за нови проекти и активности, посочи Тозиевски по враќањето во Ресен.
Освен првите луѓе на општините Ресен и Преспа, на состанокот учествуваа и претставници на проектните партнери, потоа Ефоратот на Антиквитети од Општина Лерин, НВО Здружение за заштита на Преспа- SPP од Република Грција и други стручни лица кои го реализираат проектот „Света Вода“ поддржан со меѓународни средства од ИПА програмата за погранична соработка.мт/вј/