Компанијата „Пејпр мил“ од Кочани планира во наредните две години да инвестира 4,6 милиони евра за двојно зголемување на капацитетот за рециклирање хартија и модернизирање на фабриката според светски стандарди.

До крајот на оваа година ќе се инвестираат 1,8 милиони евра за целосно финализирање на пречистителната станица за отпадни води, на местото на стариот котел на пелети ќе се инсталира најсовремен, а за подобрување на енергетската ефикасност во тек е за реинсталација на целиот паро-кондензационен систем, што за околу 15 отсто ќе го намали влијанието на котелот.

-2021 година беше една од најтешките откако сме сопственици на фабриката, четирите месеци во кои не работевме нѐ вратија назад, новажно е дека сите вработени останаа на работа и им исплаќавме по 70 отсто од платите. Тоа што не работевме се одрази финансиски на крајот на годината, а целите што ги поставивме како буџет не се исполнија поради промените на општата ситуација со Ковид кризата и покачувањето на цената на горивата. Сакаме преку инвестиции да го зголемиме капацитетот на фабриката со целосно чисти технологии, да ги зголемиме вработувањата, да ги покачиме платите и да создадеме модерна фабрика што ќе биде конкурентна на западните компании. Благодарение на големата поддршка од акционерите кои ги покрија загубите, успеавме да оствариме сосема мала добивка, инвестиравме во вреќест филтер и во пречистителната станица, а инвестициите ги продолжуваме, истакна Јулијан Даскалов, генерален директор на „Пејпар мил“.

И покрај лошите услови за работење, лани компанијата, која има 120 вработени, вложила над 55 илјади евра за поставување вреќест филтер на фабричкиот оџак и околу 300 илјади евра во последната фаза за изградбата на пречистителната станица за отпадни води. Притоа, рециклирани се близу 14 илјади тони отпадна хартија од кои се добиени 10 илјади тони готов продукт што се пласира во Турција, Грција, Србија, Албанија, Косово, мал дел во Бугарија, а еден дел останува за македонскиот пазар.