Избрана колекција со дела од меѓународната ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“ ќе бидат изложени во Државниот институт за култура во Софија.

Од Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола, домаќин и организатор на „Мал Битолски Монмартр“ информираат дека гостувањето во Софија е договорено на иницијатива на Бугарскиот културно информативен центар во Скопје.

-Во Битола одржавме средба со делегација на Државниот институт за култура на Република Бугарија предводена од директорката Снежана Јовева Димитрова. Средбата беше иницирана од Антонија Велева директорка на Бугарскиот Културно информативен Центар во Скопје. На наше заедничко задоволство договоривме избрана колекција од богатата уметничка архива на „Мал Битолски Монмартр“ да ја посетиме Софија со изложба во просториите на Министерството за надворешни работи. Повод за организирање на ликовната изложба во Софија е меѓународниот Ден на детето, истакна Елена Хаџи Антонова, раководител на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола.

Паралелно со оваа меѓународна активност, во Студиото во Битола, по завршувањето на меѓународниот конкурс, почнуваат да пристигнуваат ликовни творби од цел свет за претстојното 41 издание на „Мал Битолски Монмартр“.