Во ковид центарот при Општата болница со проширена дејност во Дебар, моментно болнички се третираат четворица пациенти, од нив двајца на кислородна поддршка, по потреба, потврди за МИА, Баки Алили, директор на болницата.
– До вчера беа пет пациенти. Но и покрај сите напори на здравствениот тим, еден пациент, со коморбидитети, на 88-годишна возраст почина. Освен четворицата ковид пациенти кои се хоспитализирани, двајца се на дневна терапија, што подразбира доаѓаат, примаат соодветна терапија, малку одмараат и заминуваат, рече Алили.
На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, кои со својата активност ги покрива оваа здравствена установа, во изминатиот период од годинава потврдени се 169 нови случаи, почнале осум лица, додека активни на болеста се 13.
Во последните три месеци од минатата година, пак, односно периодот октомври-декември на ова подрачје регистрирани биле само девет новозаразени. Но, со доаѓањето на иселениците од западно европските земји, за божикните и новогодишни празници, групирањата, гужвите во трговските и угостителски објекти, како и меѓусебните посети, условиле брзо ширење на вирусот.
Според Алили во вакциналниот пункт, кој функционира во модуларната болница, непречено се одвива процесот на имунизација при што поголем интерес владее за трета доза, која во просек дневно ја добиват по триесеттина граѓани.