Пред почетокот на пролетта, традиционално кичевското комунално претпријатие ги кастри стеблата што се засадени на повеќето улици во градот. На дел од улиците каде што е засаден јавор се кастрат само долните гранки, додека на места каде што се постари стебла, таму се кастрат и повисоки гранки.

-Секоја година пред почетокот на пролетта ги кастриме стеблата засадени на тротоарите на улиците во градот. Кај помладите стебла се кастрат единствено долните гранки, кои го попречуваат нормалното движење на пешаците по тротоарите, додека на улиците каде што има постари стебла, тие се дотеруваат за во периодот кога ќе почне пролетната вегетација да создадат убава крошна и во исто време убаво да изгледаат и во текот на летото да создаваат бујна сенка, истакна Зенел Јонузи директор на комуналното претпријатие.

Тој посочи дека во втората половина на март и почетокот на април ќе започне и хортикултурното уредување на жардињерите поставени на булеварот „Ослободување“ и градскиот плоштад, а ќе се пристапи и кон парковско уредување на Китиното Кале, по минатогодишното целосно реконструирање.

-Секоја година кон крајот на март и почетокот на април вршиме и хортикултурно уредување на жардињерите поставени на градскиот плоштад и булеварот „Ослободување“. Пролетните цвеќиња ќе ги красат булеварот и плоштадот се до почетокот на есента, а бидејќи имаат наводнување капка по капка, секогаш ќе бидат свежи и со убав изглед. Годинава поголемо внимание ќе му посветиме и на Китиното кале, каде ќе бидат засадени поголем број пролетни цвеќиња и други парковски стебла, со цел овој локалитет да биде уште попривлечен за граѓаните, додаде директорот Јонузи.