Куманово ги повика граѓанските организации да аплицираат за реализација на проекти од Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан2 (ReLOaD2), информираа денеска од општината. Проектот е финансиран од Европската унија и го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Западен Балкан. Организациите мижат да пријават предлог проекти од заштита на животна средина, социјална кохезија и намалување сиромаштија, туризам и култура, младински иницијативи.

-Износот на средства за одобрени проекти ќе се движи од 307.000 до 1.845.000 денари. На граѓанските организации им е дозволено да поднесат повеќе од еден предлог проект, доколку вкупниот доделен износ не надминува 3.690.000 денари за целото времетраење на проектот ReLOaD2 (до декември 2024). Општина Куманово и УНДП го задржуваат правото да не ги доделат расположливите средства доколку предлог проектите не ги исполнуваат зададените критериуми. Проектите може да бидат со времетраење од шест до 12 месеци. Избраните проекти мора да се спроведат во периодот од мај 2022 до мај 2023 година, информираат од општината.

Организациите кои ќе поднесат проекти од заштита на животна средина треба да понудат иновативни проекти со еколошки активизам за зачувување и унапредување на животната околина и подигнување на еколошката свест за превенција од загадување на воздухот и справување со дивите депонии, идеи за подобрување на локалната заедница во областа на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, проектни активности за заштита од загадување преку примена на конкретни еколошки мерки.

Во однос на социјална кохезија и намалување на сиромаштија, организациите треба да понудат поддршка на проекти и активности за подобрување на вештините на невработените лица за вработување или самовработување, иновативни идеи преку: доквалификација и преквалификација и нивно адаптирање спрема потребите на пазарот на труд, идеи и активности за поголемо вработување. Воедно, треба да понудат идеи и методи во процесот на развивање и спроведување на социјални сервисни услуги заради зајакнување и олеснување на животот на старите лица, лицата со попреченост, децата со пречки во развојот, како и жртви на семејно насилство. Организациите можат да понудат градење на родово перспективна заедница со цел подобрување на економската состојба на жените преку поддршка на проекти за: самовработување во областа на земјоделството, менторство и преку поттикнување на женско претприемништво (особено кај жените од: руралните средини, од ранливите категории и жените од ромската националност). Во повикот се наведува дека ќе бидат потребни и проекти за социјална инклузија на малцински етнички групи и ранливите категории на граѓани, лица со попреченост и деца со потешкотии во развојот, со цел подобрување на квалитетот на нивниот живот низ примена на нови идеи за учење и унапредување на нивното ментално и физичко здравје и намалување на проблемите од врсничкото насилство и малолетнички бракови во рамките на социјалната еднаквост.

Оние кои ќе аплицираат за туризам и култура треба да реализираат проекти за зачувување, унапредување и заштита на културните споменици и знаменитости и зајакнување и унапредување на културните вредности и навики на граѓаните на локално ниво низ нов социјален инклузивен пристап. Идеи во процесот на развој и унапредување на туризмот, на рурален и алтернативен туризам, преку искористување и промоција на културно-историското наследство, природните убавини и реткости за креирање на разновидна туристичка понуда на локално ниво. Во делот на младинските иницијативи ќе се разгледуваат проекти за поттикнување на младински активизам за решавање на проблемите на младите во локалните средини како и нивно адаптирање спрема општествените состојби во државата и локалната заедница, за вработување и самовработување, поттикнување на здрав живот и здрави навики кај младите преку спортски активности, иницијативи за поттикнување на меѓуетничка толеранција и мултикултурализам преку поттикнување на заеднички активности меѓу различни етнички групи, активности за спречување на врсничко насилство, за поддршка на млади во рурални средини.

Јавниот повик ќе трае до 1 април, годинава. Потребната документација може да се обезбеди преку испраќање на барање на електронската адреса на општина Куманово или лично во просториите. Информативната сесија (отворен ден) за повикот со заинтересираните подносители граѓански организации ќе се одржи во општина Куманово на 7 март, со почеток во 10:00 часот во кружна сала (поранешен Комитет).

Проектот ќе трае до декември 2024 година и има за цел јакнење на партиципативната демократија и процесите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија преку јакнење на граѓанското општество за негово активно учество во процесот на донесување одлуки. Во проектот ReLOaD2 се вклучени осум општини: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Крива Паланка, Кочани, Куманово и Охрид.