ЈП „Куманово гас“ доби нова пониска цена за гас од добавувачите за месец февруари, соопштија денеска надлежните од претпријатието. Цената е за околу 16 денари пониска од јануарската.
– Моментно цената е 65,7 за метар кубен, a во јануари цената кон потрошувачите изнесуваше 81,5 денари, изјави директорот на ЈП „Куманово-Гас“, Марко Митровски.
Дел од училиштата и градинките и во февруари се затоплуваа на гас, но поголем дел од станбените згради беа исклучени.
– Пак е висока цена во однос на она што беше во декември кога беше 30 денари, и сега со намалувањето е повеќе од двојно повисока, рече Митровски.
Домаќинствата можат да пријават дека ќе трошат гас и пожелно е да јават во претпријатието заради координација со снабдувачот „Пром Гас“. Во моментов ЈП „Куманово-Гас“ располага со вишок количини на гас, бидејќи потрошувачката е речиси двојно намалена.
Претпријатието ги добива цените на почеток од месец, а се однесуваат за претходниот месец. Наредната цена ќе пристигне на почетокот на април, а се однесува за март.
– Очекуваме да се движи во оваа граница, околу 65 денари, додаде Митровски.
Тој се надева дека состојбата ќе се стабилизира и дека од наредната грејна сезона цената ќе биде слична како на претходно ниво.
Пред зголемувањето на цените во Куманово на гас се затоплуваа 30-тина правни и 90-тина физички лица. Според податоците на претпријатието, во февруари биле потрошени околу 53.500 метри кубни, што е речиси двојно помалку во однос на редовната потрошувачка која изнесувала околу 120.000 метри кубни гас.