Под мотото „Ги нема жените, го нема напредокот!“, тимот на Руралната Коалиција, но и локалните чинители од општините во пет различни плански региони Југозападен, Југоисточен, Полошки регион, овој месец ја почнаа руралната мартовска акција.

Акцијата почна вчера во Општина Радовиш, каде што беше испратена пораката дека ако ги нема жените ќе го нема ниту напредокот ниту пак одржливиот развој во локалната заедница.

Како што соопштија од Рурална Коалиција, кон акцијата се придружија и жените од првиот онлајн женски е-пазар „Наша тезга“ кои што освен тоа што ја испраќаат пораката за нивно економско јакнење, испраќаат и порака преку ширење на осмомартовските торби со органски изработени козметички производи за нега токму набавени од платформата.

Руралната мартовска акција продолжува на 7-ми март со жените од руралната општина Старо Нагоричане и одржување на информативна сесија за можностите за нивно економско јакнење ама и за механизмите за вклучување во процесите на донесување на одлуки во локалната заедница.

На 8-ми март пак, како што најавија од тимот на Рурална Коалиција, ќе се приклучат кон генералниот марш во Скопје како членки на Платформата за родова еднаквост под мотото „Сиромаштијата има женско лице“, а следниот ден ќе говорат за можностите за развој на социјалното претприемништво преку Наша тезга во Центарот за социјални претпријатија во Скопје со жените пратенички во Собранието.

-На 10 март продолжуваме во селото Тумчевиште, Гостивар од каде што исто така ќе ги испратиме пораките за економско, социјално и политичко јакнење на жените од руралните средини, а на 11-ти ви го претставуваме новиот проект кој што ќе го споведуваме во наредните 15 месеци, а ја разработува темата како со ЕУ знаење да ја подобриме родовата еднаквост во руралните средини, најавија организаторите.

Како што посочија, дури 56 отсто од жените во руралните средини немаат информација за можностите за финансиска поддршка кои што им се нудат, а работат и по 11 часа на ден, работа која што никаде не е евидентирана и платена.

-Жените од руралните средини имаат клучна улога во производството на храна, но и во креирањето на одржлив развој во локалната заедница. Токму тоа е и главната порака која што оваа година ја испраќаат и Обединетите Нации по повод, а оваа година Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври се одбележа со пораката „Жените од руралните средини произведуваат здрава и безбедна храна за сите нас! Но, дури 84 отсто од жените во руралните средини за време на Ковид пандемијата имаат намалување на нивните економски приходи од земјоделските активности кои што ги вршат, а нивните производи и понатаму остануваат непродадени, посочија во соопштението од тимот на Рурална Коалиција.