Иако струмичани веќе три денa живеат со ритамот на годинашните карневалски празнувања, сепак вечер, на главната карневалска поворка, ќе протече реката од маски, која заради пандемијата од Ковид-19 две години беше секната.
Карневалската треска на големо се чувствува насекаде, а струмичани остануваат верни на аманетот на претходниците подготвувајќи ги своите маски. Меѓу нив се и најмладите струмичани, наследници на долгата и успешна карневалска традиција.
Групата при ОУ „Видое Подгорец" од Струмица, предводена од учителката Соња Цицимова и нивните родители изминатите денови ја усовршуваа кореографијата за триминутниот настап. Младите карневалистите повеќе години по ред освојуваат награди и успешно го претставуваат Струмичкиот карневал на карневали во странство.
Младите карневалистите маскирањето го запознаа кога беа првоодделенци со маската „Виножито", па беа „Папагали", „Пуканки" и последната „Струмички шпагети" по која се познати надалеку. Годинава ќе настапат со маската „Пчелин рај" и се надеваат дека и со неа ќе го соберат медот од успеси.
-Преку игра и музика со маската сакаме да испратиме порака за една многу важна и актуелна тема-да имаме поодговорен однос кон природата, здравиот начин на живеење и екологијата, односно дека се зависи од сите нас, вели Цицимова, која никако не сака да открие повеќе за маската и се држи до непишаното правило на Струмичкиот карневал таа да се крие до почетокот на големата карневалска забава.
Додава дека нивната маска ќе биде многу „дарежлива" и очекува успешен настап.
– Наградата не е единствената цел за која ние сме заедно. Во маската покрај децата учествуваат и родители и таа на некој начин е и фамилијарна. Изминативе години нашата дружба премина во големи пријателства и на сите средби секогаш главна тема е карневалот и нашите маски, посочува Цицимова.
За неа токму преку изработката на маските и учеството на карневалите се всадува љубовта кон вековната струмичка традиција и возрасните се тие кои треба да им помогнат на децата да ја сфатат важноста на оваа манифестација.
– Треба да сфатиме дека карневалот се случува во Струмица, односно не е во секој град. Празникот Тримери е карактеристичен само за нашиот град и ако ние како струмичани не ги поддржуваме и продолжуваме, тогаш лесно може да дојдеме во ситуација традицијата да исчезне, смета учителката Соња.
За годинашната маска, како и за претходните, вели дека има неколку општествено одговорни компании кои им помагаат и кои го препознаваат квалитетот и веруваат дека средствата ги вложуваат во нешто убаво, за радоста на многу деца и дека тоа е едно општо задоволство.
– Поддршка ни даваат неколку одговорни компании меѓу кои јавна благодарност им искажувам на компанијата „Фико-пласт” и соработката со пчеларската задруга ,,Пчелин рај” која придонесе за поавтентично претставување на нашата идеја, подвлекува Цицимова.
За неа засега единствен сладок проблем со кој се соочила е растењето на децата и пo пауза од две години единствено треба да се извршат корекции на маските, бидејќи со оваа маска требаше да настапат на карневалот во 2020 година, кој како и ланскиот не се одржаа заради пандемијата.
Учителката Соња Цицимова веќе крои планови за понатаму. Не знае која ќе биде наредната маска. Вели дека за неа ќе размислуваат со учениците и родителите по завршувањето на карневалот, односно како што вели таа откако ќе заседава семејниот совет.
Годинава Струмичкиот карневал се одржува од 2 до 9 март. Главниот настан, карневалското дефиле се одржува вечер, а утре е традиционалниот детски карневал по повод празникот „Прочка".