Изложба на слики од ликовната уметничка Анита Огњановска, насловена ,,Внатрешен оган”, беше отворена во Домот на културата во Кавадарци, во пресрет на денот на жената, 8 Март.
За творештвото на Огњановска, говореше директорката на културниот дом „Иван Мазов-Климе“, Јулијана Туриманџова.
-Творештвото на Огњановска се состои од повеќе од 600 уметнички дела. Средбата со нејзиното творештво, е возбудливо доживување, рече Туриманџова.
Пред присутните се обрати и уметницата, говорејќи меѓу другото и за тоа, на кои од циклусите на творештво, припаѓаат изложените дела во Кавадарци.
,,Убави лузни”, ,,убавината е под површината”, ,,некогаш добиваш, некогаш губиш” се само дел од уметничките дела кои можат да се видат.
Во рамките на настанот, се дегустираа вина и ракија од ,,Бади винарија”. Беше речено дека како што постои уметност на сликарските платна, така постои уметност и во правењето на производи од грозје.