Помош од украинските власти за безбедноста на грчкиот генерален конзул во Мариупол, како и за создавање хуманитарен коридор за евакуација, побарал министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас од шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба за време на нивниот телефонски разговор, јави дописничката на МИА од Атина.
Конзулатот на Грција во Мариупол, минатата седмица беше префрлен во објектот во кој претходно се наоѓаше специјалната надзорна мисија на ОБСЕ, а дел од грчките медиуми денеска објавија дека токму овој објект во кој е конзулатот претпладнево бил мета на напад, односно било пукано кон зградата, а потоа следел и телефонскиот разговор Дендиас- Кулеба.
-Контактирав со мојот украински колега Дмитро Кулеба, барајќи помош од украинските власти во гарантирањето на безбедноста на генералниот конзул на Грција во Мариупол и во отворањето на хуманитарниот коридор за евакуација, напиша Дендиас на неговиот официјален „Твитер“ профил.
За создавање хуманитарен коридор од Мариупол, но и за префрлањето на канцелариите на конзулатот на Грција, шефот на грчката дипломатија, телефонски разговарал и со генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Марија Шмид.
Грчкиот конзулат во Мариупол и понатаму работи, со оглед на тоа дека во конкретниот украински град живеат голем број грчки иселеници.