Надалеку немало толку убава, раскошна и прекрасна девојка како Софка во Врање кон крајот на 19. век. За неа и за нејзините предци, а најмногу за нивната трагична судбина, раскажува српскиот писател Бора Станковиќ во својот култен роман „Нечиста крв“. Продукцијата на истоимената серија ја побара глумицата за оваа улога надвор од границите на Србија и ја пронајде во Чешка. Младата актерка Сара Сандева е родена во Скопје, завршила глума на Конзерваториумот во Прага и со големи чекори се движи на патот кон успехот. Растејќи со чешката литература, Сандева не знаела за Бора Станковиќ се додека не и била понудена улогата на главната хероина во „Нечиста крв“. Првпат добила можност да учествува во ваков регионален проект, иако долго време имала желба да глуми во Северна Македонија, од каде потекнува, или на овие балкански простори.

Во интервју за МИА, кое е прво за кој било македонски медиум по нејзиниот ангажман во српската серија, актерката Сара Сандева вели дека нејзината улога на Софка била сосема поинаква од сите досегашни улоги што ги играла.

Млада и талентирана глумица, родена во Македонија, а долги години живее и работи во Прага, Чешка. Иако непозната за македонската публика, Вие зад себе имате успешни актерски достигнувања. Која е всушност Сара Сандева?

Сара Сандева е обична девојка, која е родена 1997 година во Скопје, во Македонија. Кога имав една и пол година се преселив во Чешката Република заедно со своите родители. Тука завршив Прашки конзерваториум за глума. Кога имав 14 години ја започнав својата кариера со првата улога што ја добив во театар, потоа во серија и во филм. Оттогаш имам снимено над 25 проекти. Многу сум благодарна и среќна дека ми се исполни сонот и пред една година го снимив својот прв проект на балканските простори, „Нечиста крв“.

Како се случи соработка со српската филмска продукција, и како токму Вие ја добивте улогата на Софка, главната хероина во култниот роман „Нечиста крв“ на Бора Станковиќ?

Тоа беше една голема среќа, бидејќи јас пред неколку години кога бев на одмор во Македонија добив идеја да одиме на викенд со друштво во Белград, да прошетаме и исто така да се регистрирам во една агенција за глума. Кога стигнав во агенцијата ми кажаа дека јас не можам да глумам српски улоги поради акцентот и јазичната бариера. Но кога беше аудицијата за улогата на Софка, имаа веќе направено голем круг на кастинг низ Србија и Балканот, но не можеа никого да најдат. Во тој момент агенцијата се сети дека имаат уште една глумица, која живее во Чешка и е Македонка и не знае доволно српски. Рекоа „ајде да ја пробаме“, ми испратија мејл и снимив во Прага „selftape“. Тоа е видео на кое снимив сцени од серијата, и улогата ја добив.

Дали Ви претставуваше проблем јазичната бариера и колку време Ви беше потребно да го совладате српскиот литературен јазик, особено специфичниот врањански дијалект, за да можете автентично да ја одиграте оваа улога?

Па знаете што, јазикот беше за мене еден од најголемите предизвици во овој проект, бидејќи јас навистина сакав да бидам опуштена и слободна на сет, да не мислам на јазикот или изговорот. Веднаш кога пристигнав во Србија, продукцијата „This and That“, кои се неверојатни, направија план и почнав приватни часови со Дијана Маројевиќ, на која сум и многу благодарна, бидејќи таа навистина многу ме научи. Исто така посетував логопед, поради изговорот, бидејќи нивното „Ч“ е сепак поинакво од чешкото и македонското. Се тоа траеше додека не го научив перфектно текстот од серијата, за да не размислувам на јазикот додека глумам. Инаку акцентот за мене не беше толку многу тежок бидејќи дотогаш немав познавање на никаков српски акцент и поради тоа беше малку полесно. Српскиот јазик го учам засега и многу е интересно.

Дел од актерската екипа во серијата се и некои познати имиња на овие балкански простори, како на пример Драган Бјелогрлиќ, Драган Миќановиќ и Нела Михаиловиќ. Каква Ви беше соработката со нив и како Ве прифатија?

Неверојатна. Јас бев и сум воодушевена од нивната професионалност од почеток до крај. Ние уште кога имавме прва проба, кога само го читавме сценариото, додека го читаа текстот мене навистина ме лазеа морници. Во себеси реков „ако вака читаат сега на проба, како тогаш ќе глумат на сет“. Инаку ме прифатија многу пријателски и како семејство, ми помагаа како да се снајдам со јазикот, разговаравме за улогите, за сцените, за целата серија. Тоа беше многу креативно. Исто така, и надвор од снимањето не се чувствував осамено во Белград.

Опишете ни како изгледаше еден ден за време на снимањето и дел од работната атмосфера. Можете ли да ни откриете некоја интересна случка зад камерите?

Денот беше многу едноставен. Наутро станував и имав пикап, доаѓаа по мене и ме носеа на сет. Таму имав појадок, подготовки за Софка и потоа снимање. Најмногу во сеќавање ми остана кога во тој летен период снимавме, а јас седев пред мојот караван и беше пауза за ручек, само гледав и уживав во атмосферата, луѓето околу мене зборуваа српски, се слушаше балканска музика и во тој момент бев многу емотивна, бидејќи сфатив дека навистина првпат снимам дома. Мојата прабаба е родена во Врање и тоа се ми се спои емотивно и ќе го паметам засекогаш.

Зошто досега не сте добиле понуда за улога во некој македонски филм или серија, и дали можеме во иднина да очекуваме соработка со некој македонски режисер?

Тоа мора да ги прашате македонските режисери. Искрено јас би била среќна, мислам и дека сум подготвена. Малку беше смешно и на луѓето им беше чудно што првата улога на Балкан не ја добив од мојата родна земја, туку од соседите Срби. Не знам дали е тоа поради некаков страв дека не живеам тука или не сум глумела се уште на македонски јазик, но мислам дека тоа е непотребен страв. Мене би ми било навистина чест да снимам нешто и за земјата во која сум родена. Во Чешка во секое интервју гордо кажувам од каде потекнувам.

Која Ви е досега најомилена улога, дали моментално сте ангажирани на некој проект и кои се Вашите идни планови?

Сите мои улоги досега ме имаат исполнето и ми имаат нешто овозможено. Немам една најомилена, но сигурно досега најголем предизвик ми била Софка. Исто така, беше многу интересно снимање за германски Нетфликс и тоа се се различни улоги и проекти. Секоја од нив ми има дадено и покажано нешто ново. Инаку моментно имам претстава во еден театар во Чешка. Требаше да имаме премиера на филм, но за жал поради ковид-ситуацијата се одложи за следната година. Планирам многу работи и проекти, но во оваа ситуација ништо не е сигурно и затоа ќе видиме што од тоа ќе се реализира.

На крајот, колку често ја посетувате нашата земја и дали тука имате пријатели со кои одржувате долгогодишни контакти?

Се трудам двапати годишно, но за жал повторно поради ковид-епидемијата не можев овие две години да дојдам и бидејќи имам многу работа. Но ова лето имам во план сигурно да дојдам и едвај чекам, бидејќи имам голем дел од фамилијата во Скопје, а исто така и многу блиски пријатели. Јас секогаш велам „можам да живеам на друго место, ама Македонка ќе бидам секогаш и ќе сакам секогаш да се враќам во мојата родна земја“.