Во фоајето на Национална опера и балет (НОБ) во среда, 9 март, премиерно ќе биде изведена балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ во девет слики, која зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата. Текстот на претставата е на драматургот Сашо Димоски, и е инспириран од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографија и режија задолжена е Олга Панго, либрето и драматургија е на Сашо Димоски, а асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Костимографот е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло е на Милчо Александров, дизајн на шминкa на Златица Поповска.
Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата Невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Во главните улоги играат Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лашеи од Унгарија, Агим Бафтии и Ендру Кук од Англија.
Драматургот Сашо Димоски на денешната прес-конференција, по повод премиера на претставата, објасни дека самата претстава е драмски текст инспириран од истоимената слика на Пабло Пикасо.
-Тој е маркер од кој почнува сето она кое ние денеска го именуваме како кубизам односно тоа сликата од која започнал кубизмот како правец во современата ликовна уметност. Препишувањето на овој драмски текст на балетско либето за мене беше голем предизвик, бидејќи во отсуство на вербусот како главно изразно средство, овде го имаме телото, односно говорот на телото во криза која ја раскажува оваа приказна, рече Димоски.
Тој посочи дека станува збор за едно несекојдневно балетско доживување, во кое сето она што значи стандарден балетски наратив, односно наративот на говорот на телото, се синтетизира со мултимедија од различен тип кој е во директна комуникација со деветте целини, односно деветте музички структури кои го обединуваат овој балет како едно севкупно балетско односно уметничко доживување. Десеттиот лик, како што додаде драматургот, е мува, која е отсутна, но е присутна во текот на целата претстава со своето зуење.
-Се работи за камерна претстава, ако зборуваме од аспект на бројот на играчите, меѓутоа и не е толку камерна затоа што ја играме на голема сцена и ги користиме сите ресурси што ни ги нуди оваа сцена, а тоа се навистина многу, со прекрасното светло и озвучување кое го имаме од Јапоанската донација, можевме да направиме една нова магија, рече на прес-конференцијата кореографот Олга Панго.
Според Калиопи Букле, самата претстава, но и текстот на Сашо Димовски е посебно инспиративен бидејќи тој од една Пикасова слика створи една нова приказна, во која секоја од нас жените може да се препознае.
-Вешто доловена претстават од окото на Олга Панго, која секако низ балетското движење и низ таа кореографија која таа ја создава, а врз музиката која јас ја создадов претходно, базирана на текстот и на една космополитска идеја значи кога ќе тргне самата приказна и ќе имате чувтсво и визуелно и аудио да ја доживеете, ќе сфатите дека сте потполно сами, иако просторот ќе биде исполнет со публика, бидејќи тоа ќе биде ваше лично патување, лично доживување, благодарејќи на музиката, но и на врвни балетски играчи, додаде Калиопи Букле.
Напомена дека е горда што после многу години, имаме балетска претстава со потполно македонска авторска екипа, и верува дека и гледачите но и целата авторска екипа ќе биде горда што имаме еден ваков проект.