Книгата „Тупаници“ од Пјетро Гроси денеска излезе од печат во популарната едиција „ПРОаЗа“ на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“. Книгата се состои од три приказни кои го истражуваат обредот на премин од детски на возрасни години.
Трите приказни во книгата се концентрирани на полнолетството на момчињата кои се соочуваат со реалноста и се борат да останат живи во машкиот свет.
Како што соопштија од издавачката куќа, во првата приказна, „Тупаници“, тинејџ боксер-аматер првпат влегува во рингот и се наоѓа во судир со Животот во сета негова мускулеста сила. Во втората приказна, „Коњи“, двајцата браќа на прагот од зрелоста учат да ја играат машката игра на својствен, болен начин, додека во последната приказна од Книгата, „Мајмунот“, Гроси раскажува како еден млад човек сфаќа дека за да останеме здрави и да преживееме на овој свет, треба да ги жртвуваме нашите детски соништа.
Книгата е преведена од италијански на македонски од страна на Катерина Сотирова, додека излегувањето на книгата е поддржано од „Креативна Европа“ на ЕУ и Министерството за култура на РСМ.
Пјетро Гроси, писател и преведувач е роден 1978 година во Фиренца, a моментно живее и работи во Тоскана. Во 2006 година ja објави книгата „Тупаници“, која стигна до финалето на многу книжевни награди, вклучувајќи ги и престижните „Viareggio“ и „Strega“.
Книгата ги освои наградите „ Cocito Montà D’alba“, „Chiara“, „Fiesole Narrative “ за автори под 40 години, како и наградата „Pistoia del Ceppo“. Во 2010 година, англиската верзија на книгата насловена „Fists“, објавена од „Pushkin press“, беше финалист за наградата за странска литература која ја доделува „Independent“. Истата година авторот ја освои и „Campiello Europe Prize“