Албанските владејачки социјалисти, според до сега пребројаните гласови, триумфираа на вчерашните делумни предвремени избори за градоначалници спроведени во шест општини, Бериша очекува една победа а најголем губитник е Баша.
По освоеното градоначалничко место во општина Вора, каде се гласаше и пребројуваа гласовите електронски и резултатот беше соопштен час по затворање на гласачките кутии, социјалистите ќе ги предводат и општините Рогожина, Љушња и Пешкопеја а во голем предност е нвнот кандидат во Драч.
Единствено во Скадар во предност е кандидатот на коалицијата „Дом на слободата”, поточно на крилото на демократите предвоено од Сали Бериша. Тоа значи дека резултатот остварен на вчерашните избори е најголем удар врз Демократската партија, предводена од Љуљзим Баша.
По Блерим Шерај, чија победа во Вора ја потврди и претседателот на Централната изборна комисија, Илирјан Целибаши, победа прогласија и Едисон Мемола во Рогожина, Рахм Спахиу во Пешкопеја и Ерселида Сефа, која ќе биде градоначалничка на Љушња.
Според до сега пребројаните гласови сигурна победа социјалстите ќе имаат и во Драч, додека сеуште неизвесна е трката во Скадар, меѓу кандидатот на Социјалситчката партија и оној на Бериша, кој е во предност со 5 отсто во гласовите.