Денот на албанскиот учител, 7 март со повеќе активности, пред се во ООУ„Саит Најдени“ беше одбележан и во општина Дебар.

Градоначалникот Хекуран Дука и претседателот на Советот на општината Фуат Спахиу, дирекотрите на двете основни и средното училиште, како и нивни соработници, оддадоа почит за нивниот придонес и положија свежо цвеќе на бистите на албанските преродбеници Саид Најдени и Јосиф Багери, кои се поставени во центарот на градот.

– Седми март има големо значење за образованието на албански јазик. Дебар има огромен придонес во образованието на албански јазик, зашто голем број учители настава одржувале не само во Дебар и соседните општини, туку и пошироко. Голема почит за Саид Најдени и Јосиф Багери, двајцата патриоти учители за нивниот непроценлив придонес и кон сите оние историски личности кои се жртвуваа за да ние денес на најхуман начин имаме можност да се образуваме на нашиот мајчин јазик на сите можни нивоа, рече меѓу другото Дука.

Додаде дека јазикот како светост го негуваат и Албанците во дебарската дијаспора во САД, каде има над 16 илјади дебрани, како и во европските земји.

Од свое и од име на Советот и општинската администрација, тој упати честитки, со желби за успех, до сите просветни работници, ученици, студенти и раководителите на училиштата.

Честитка по повод 7 март од свое и од име на општинската амдинистрација упати и Медат Куртовски, повереник за надлежностите на градоначалник на општина Маврово и Ростуше.

На 7 март 1887 годна во градот Корча, Албанија е отворено првото училиште на албански јазик, по што овој ден е одреден како ден на албанскиот учител.