По повод Меѓународниот Ден на жената 8-ми Март, во Домот на културата во Македонски Брод, денеска во 12 часот ќе биде отворена ликовна изложба. На изложбата ќе бидат претставени дела изработени од учениците од основното и средното училиште во градот на тема „Мајка, жена, сестра“.

Традиционалната ликовна изложба што по повод Денот на жената 8-ми Март ја организираме во Домот на културата ќе биде отворена денеска со почеток во 12 часот. Ликовната изложба ќе ја сочинуваат творби создадени од учениците од повисоките одделенија од основното училиште, како и учениците од бродската гимназија. Самиот наслов на изложбата зборува дека главна тема е жената, мајката, сестрата, рече директорката Милена Стојческа и ги повика своите сограѓани да присуствуваат на отворањето на изложбата.

– Ги повикуваме љубителите на уметноста од градот да присуствуваат на отворање на изложбата и да ги видат делата, што ги создале и нивни најблиски. Ликовната изложба ќе биде отворена и во наредните шест дена, додаде директорката.

Таа појасни дека учениците чии творби ќе бидат прогласени за најуспешни на изложбата ќе добијат книги, што ќе биде стимул и понатаму да творат, а нивните чекори да ги следат и останатите нивни колеги.