„Жените и фотографијата“ е насловена изложбата на уметничка фотографија која ќе биде отворена на 10 март, годинава во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, информираа денеска од установата.

Изложбата во чест на меѓународниот ден на жената, 8 Март ја организира Фото клубот „Куманово“ во соработка со центарот за култура. Отворањето е закажано за во 19:30 часот

-На годинешнава изложба ќе бидат изложени фотографии од 60-тина учеснички од државата, дел од нив млади, односно ученички од основни училишта од Куманово, кои се дел фотосекцијата на клубот. Годинава, учесничките имаа два избори да работат на слободна и на тема жена. Освен во Куманово, изложбата ќе биде презентирана и во повеќе градови од државата, изјави претседателката на клубот, Марина Атанасовиќ.

Ова е деветта по ред изложба на која жените преку фотографијата прават вистинска револуција во осознавање на светот, која води кон рушење на поделбите, а со тоа и прифаќање на нови мислења и воспоставување на нови парадигми. Во објавата на клубот се цели дека жените сочинуваат скоро 20 проценти од професијата во време кога било невообичаено жените дури да имаат професија.

– Како што споменавме и претходната година, фото клубот е со поголема бројност на жени фотографи, а тоа е еден од многуте показатели за нивна се поголема вклученост во оваа креативна дејност. Фотографијата како актуелен и моќен медиум на изразување одбележувајќи го секој белег на времето во кое живееме, сведочи за успешноста на жените во креирање на поубав и по хуман свет, пишуваат од клубот.

Изложбата ќе биде поставена до 23 март, годинава.