Издавачката куќа „Антолог“ во рамките на својот проект „Храбри нови зборови прекрасни нови светови“ ја објави книгата „Болка во џебот“ од данската авторка Аста Оливија Норденхоф
– Во чест на денот на жената и борбата за правата на жената, а во склоп на акцијата „Силни женски гласови“, од печат излегува роман за слепата љубов, насилството и капитализмот. Базиран е на вистински настан – пожар на патнички траект во 1990 година, во кој загинаа 159 луѓе. Иако настанот е реален, ликовите се фиктивни. Романот е наречен „најамбициозен книжевен потфат за 2020 година“, соопшти „Антолог’.
Авторката Аста Оливија Норденхоф (1988) студирала на Данската академија за креативно пишување, каде што денес е професор. Досега објавила два романа и збирка поезија. Трите книги се наградени со престижни награди.
Романот „Болка во џебот“ ги добил наградите „Пер Улоф Енквист“ и Наградата за литература на Европската Унија за 2020 година. „Антолог“ информира дека е замислен како прва книга од септологијата наречена „Скандинавска ѕвезда“.
Преводот на „Болка во џебот“ од дански на македонски јазик е на Лара Крстева-Ичокаева, а автор на графичкото уредување е Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура.