Владата на Косово денеска донесе одлука за формирање меѓуинституционална работна група за интегрирање на државата во НАТО, јави дописникот на МИА од Приштина.
Образложувајќи ја владината одлука, министерката за надворешни работи, Доника Грвала изјави дека потребата од прием на Косово во Северноатлантската алијанса е итна „имајќи го предвид актуелниот контекст на агресијата без преседан на Русија врз Украина”.
– Косово и другите западни демократски држави во регионот секојдневно сé повеќе се соочуваат со дестабилизирачки дејствија провоцирани од Русија, преку нејзините вазали. Имајќи го предвид актуелниот контекст на агресијата без преседан на Русија врз Украина и намерите за дестабилизација и минирање на евроатлантските процеси и заканата врз глобалниот мир, зачленувањето на Косово во НАТО претставува итност заради зацврстување на безбедносната архитектура во регионот и во Европа, рече Грвала на владината седница.
Работната група ќе ја води шефицата на дипломатијата, во неа ќе членуваат министрите за одбрана, внатрешни работи и правда, а свои претставници ќе имаат и претседателката на државта, премиерот и амбасадите на Косово во Брисел и во САД.
Цели на групата се унапредување на процедурите за прием во НАТО, што поскоро вклучување на Косово во Партнерството за мир, зачленување во Јадранската повелба А5, зајакнување на присуството на Косово во меѓународните безбедносни механизми и интензивирање на соработката со стратешките сојузници.