Со симболичното враќање на клучот од градот од страна на карневалистите на градоначалникот Костадин Костадинов, завршија осумдневните карневалски празнувања во Струмица.
-Од денеска клучот од градот повторно е во мои раце. Примопредавањето помина во убава атмосфера и со заедничка мисла дека имавме осум прекрасни карневалски денови и извонреден Струмички карневал. Нека ни е за многу години. Да сме здрави и живи и да го дочекаме празнувањето под маски и следната година, рече градоначалникот Костадинов.
Пред враќањето на клучот се одржа традиционалниот Тримерски посен ручек и настап на „Распеани струмичани“. Ручекот порано го подготвувал семејството на армасаната (верената) девојка во чест на гостинките кои доаѓале кај неа со идната свекрва и притоа и врачуваче подароци и со пеење еротски песни ја подготувале идната невеста за брачните должности.
Завесата на годинашните карневалски празнувања ќе биде спуштена вечер со концерт на ансамблот „Фолклорна низа“.