Европска иднина за земјите од Западен Балкан е германскиот главен приоритет, како и за мене лично, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, по средбата со нејзината колешка Бисера Турковиќ во Сараево.
Демократски и фер избори се важни за секоја земја, нагласила Бербок, па сака интегритетот на Босна и Херцеговина да биде засилен.
– Важно е изборите да се одржат според планираниот термин во октомври, смета Бербок.
Таа никогаш не мислела дека ќе го започне ова патување, во време кога „нашата сигурност е егзистенцијална“.
– Европа е соочена со катастрофа од војната… Верувам дека многумина, кога гледаат фотографии од Киев и Мариупол, се сеќаваат на оние од деведесеттите, тие силно ја обележаа и мојата генерација, истакна министерката.
Според неа, слободата и мирот се единствен пат, а Европа е дом што треба тоа да го обезбеди.
– Наша историска одговорност е да обезбедиме мир, појасни таа во Сараево.
Бербок истакна и дека Германија за првпат воведе специјален пратеник за земјите од Западен Балкан.
– Многу сум среќна што токму Мануел Саразин стана специјален пратеник, тој, веројатно, тука е попознат од мене. Неговото именување е само почеток на она што го планираме. Се прашуваат зошто посета на Балканот за време на војна во Украина, јас баш велам, токму сега, подвлече таа.