Во јуни годинава на тројца обвинители од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) им истекува мандатот. За овие испразнети места кон крајот на март ќе биде распишан конкурс, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски откако денеска пропадна обидот за избор на пет нови јавни обвинители во ОЈО ГОКК поради немање кворум.

– Состојбата во обвинителствата ја знаат во министерства, нема кој не знае. Меѓутоа таа состојба е настаната години наназад. Ние во моментот имаме недостиг на над 70 обвинители според систематизација за редовно работење, не за проширена систематизација која според измените на Законот за кривична постапка на обвинителите им се додадоа обврски во смисла на водење на истрага. Тоа наметнуваше потреба од повеќе обвинители, а ние место тие постојните кои ги имавме не ја зголемивме систематизација, меѓутоа и во таа систематизација имаме недостиг на една третина, рече Јолевски.

Според него, моменталниот недостиг на јавни обвинители е поради лошото водење на кадровската политика затоа што, како наведе тој, Академијата за судии и јавни обвинители три-четири години не произведе ниту еден кадар.

– Во една генерација еднаш излегоа само 13 кандидати за кои се бараа ненормални услови за пријавување. Моментално три основни јавни обвинителства немаат воопшто обвинител. Повеќе од седум години јавен обвинител нема во Крива Паланка, Делчево од минатата недела нема јавен обвинител бидејќи замина во пензија, а и Свети Николе нема обвинител. Тие се покриваат со упатување на обвинители од другите обвинителства кои исто се со помал број на обвинители, рече Јолевски.