Во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков – Вапцаров” синоќа во киносалата во Делчево, „Танец” со циклусот наречен „Изворни минијатури“, ја започна својата нова концертна сезона. Во чест на великанот Гоце Делчев, а по повод 150 – годишнината од неговото раѓање, ансамблот концертот го започна со песна во негова чест.

-Како дел од овој музичко-сценски перформанс посветен на изворите, Танец изведе програма конципирана од автентични фолклорни творби, врз кои се темелат познатите кореографии на ансамблот, песни и ора како Адана, Тоска, Трченица, Ситното, и неизоставно, формите кои се заштитени во УНЕСКО, како Пијанечкото оро, Копачка и машкото двогласно пеење од Долни Полог, истакна директорот на Танец, Мартин Вучиќ.

Тој апелираше во иднина повеќе да се вложува во концертни сали за да може и публиката од внатрешноста почесто да биде сведок на вакви концерти. По овој концерт, најави настапи на „Танец” и во другите културни центри низ земјава.

Директорот на делчевскиот Центар за култура, Методи Толевски истакна дека е презадоволен од настапот на ансамблот кој важи за македонски културен амбасадор.

-Очекувавме дека ќе има преголем интерес за концертот, јас сум презадоволен од изведбата на Танец, кој е наш голем културен репрезент на фолклорот, рече Толевски.

По синоќешниот концерт, веќе за утре, Центар за култура „Никола Јонков – Вапцаров” го најави концертот на локалните уметници Дејан Георгиев – Ѕене и Елена, кои со почеток во 20 часот, со одбран музички перформанс ќе се претстават во киносалата во Делчево.