Вртоглавиот раст на цената на горивата, но и на струјата ќе ги натера општините да кратат од несуштински трошоци, но градоначалниците тврдат дека нема да се штеди на комуналните услуги.
Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов вели дека енергетската криза и високите цени на нафтените деривати и на струјата директно ќе влијаат врз ликвидноста на Општината и на јавните претпријатија. Забележува дека и покрај проблемите со високите сметки, камионите редовно ќе го носат ѓубрето на депониите, а градежните машини ќе се користат секогаш кога е неопходно. Посочи дека трошоците растат, а приходите остануваат исти.
Штипското комунално претпријатие „Исар“ е најголено во источниот регион, но е и едно од најзадолжените претпријатија во регионот. Старите долгови им се 4,9 милиони евра. Но, како што вели Јорданов, енергетската криза им наметна и нови обврски. Минатиот месец сметката за струја им стигна до 19 милиони денари, новата им е некој милион пониска. Сега на тоа ќе се додат и повиските цени на горивата, што речиси сигурно ќе бидат повеќе од 11.000 евра што ги платиле минатиот месец.
-Јавните претпријатија користат огромна количина на нафта за сервисирање на основните обврски кон граѓаните за собирање на ѓубрето, сметот, сервисирање на други потреби за реализација на проекти и сигурно дека цената на чинење на овие проекти и еве да кажам обврската, која што ќе доспее по основ на нафта ќе биде многу поголема, отколку што била во минатото. Така да кажам дека директно сме засегнати и како Општина и јавни претпријатија, изјави Јорданов.
Посочи дека конкретно ЈП „Исар“ ќе биде во сериозна ликвидна криза, а како Општина можат само да помогнат во давање на позајмица, со којашто, како што вели, времено би интервенирале за да се подобри финансиската состојба на „Исар“. Јорданов стравува дека сметката на „Исар“ во секој момент може да биде и блокирана од страна на некој добавувач бидејќи долговите му се речиси пет милиони евра.