Во Куманово се одржа традиционалната културно-книжевна манифестација „Карадачки поетски средби“, која ја организираше клубот на писатели „Јехона е Карадакут“-Куманово, соопштија денеска од општината. На манифестацијата беше одбележана и 30-годишнина од основањето на клубот.

На свечената академија беше прикажан документарен филм за „Јехона е Карадакут“, беа доделени награди и благодарници на поетите-учесници на културната манифестација.

– Општина Куманово ги поддржува традиционалните културни настани, кои се олицетворение на различни етнички заедници, со цел да го сочуваме културното богатство-информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Ова е едно од првите невладини здруженија во државата од нејзиното осамостојување, клубот активно е вклучен во културниот живот во Куманово, презентирајќи ја својата култура и традиција в градот, но и надвор од границите од државата. Досега клубот има издадено 60 броја на списанието „Дорунтина“, како и голем број објавени дела во рамките на издавачката дејност.