Делницата Аеродром на регионалниот пат од Пониква кон Кочани доби соодветно сообраќајно обележување со вертикална патна сигнализација што со години недостасуваше.
Поставен е патоказ за свртување во десно што го означува правецот на Кочани, при враќање од планинскиот туристички центар, како и други сообраќајни знаци што предупредуваат на опасноста дека возењето право е по слеп пат, односно дека коловозот завршува.
Со тоа возачите кои првпат или ноќе управуваат моторни возила соодветно ќе бидат известени во кој правец треба да се движат, за да се намали опасноста од несреќи со трагични последици. За тоа реагираа и од Центарот за управување со кризи, по што почна постапка за сообраќајно обезбедување на делницата.
– Во соработка со надлежните министерства, иницираме поставување соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација на коловозот, а таму каде што патот преминува во аеродромска писта да се вгради опрема што звучно ќе го предупредува возачот за опасноста. Дополнително, локацијата треба да се осветли, со оглед што во непосредна близина поминува довод за електрична енергија. Се работи за атипичен сообраќаен пример, а за кој свои надлежности имаат министерствата за одбрана, за транспорт и врски и за внатрешни работи, истакна Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи, при увидот на делницата.
Минатата година на оваа локација се случи трагична сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице, а две беа потешко повредени. Подоцна, како привремено решение на крајот од коловозот беше поставен насип од земја, но опасноста од несреќи не беше отсранета.