Учат во зграда стара над 100 години, со услови за настава како пред 20-30 години, со кабинет по информатика во кој компјутерите се со процесори „пентиум 4“, кои не се произведуваат над десет години. Во ваква ситуација се наоѓаат учениците од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во наставата по македонски јазик, кои, од друга страна, сами си обезбедија нешто што ниту едно друго училиште во градот го нема, a тоа е 3Д-печатач.

Група од четворица матуранти создадоа видеоигра настапувајќи на онлајн ИТ-натпревар, а како награда добија 3Д-печатач, кој му го донираа на училиштето, па сега сите гимназијалци ќе можат да го користат.

Овие, но и други ученици од паралелките по македонски јазик што следат настава во објектот познат како Стара медицина, се соочуваат со многубројни предизвици од инфраструктурен карактер, но на ваков начин – со своите знаења и креативност се обидуваат да ги надминат препреките кон подобро образование. Така, благодарение на својата креативност, самите успеваат да си ги олеснат секојдневието во образовниот процес и предизвиците со кои со децении се соочуваат гимназијата и наставата по македонски јазик.

Сега, во најстарите училници во градот, само тие имаат најсовремен апарат за 3Д-печатање – апарат за правење физички објект од тридимензионален дигитален модел, обично со поставување многу тенки слоеви материјал последователно. Нивните напредни знаења од компјутерската технологија сега се основа со овој апарат да создаваат разни предмети, кои се употребуваат и во наставата.

– Со 3Д-принтер изработивме маски за телефони, држачи за креди, беџови, лампиони за новогодишно украсување и разни други нешта. Испринтавме корисни работи за нашето училиште, а наедно ние треба да дадеме обука на соученици за да можат и тие да го користат во иднина. Кога дојдоа организаторите на натпреварот, ИТ-академијата и тренинг-центарот, да ни го донесат 3Д-принтерот, се зачудија кога видоа во какви услови имаме настава. Затоа ни дадоа филамент – материјал за создавање предмети преку 3Д-принтер и ни рекоа дека и во иднина ќе добиваме од нив – изјави Стефан Узунов, еден од четворицата гимназијалци програмери на видеоиграта.

Филип Бојаровски, Петар Симовски и Димитар Ефремовски се останатите тројца, а во тимот што ја создаде играта и победи, учествувала и Ана Марија Тофиловска, поранешна гимназијалка, сега студентка. Наградата е освоена во ноември 2021 година.

Овие ученици на 3 Март, Денот на Општина Тетово, на свечена седница добија признанија за истакнати личности од различни сфери во општеството, кои придонеле во развојот и афирмацијата на Градот Тетово.