Најмалку двајца војници загинаа, а други двајца се повредени, при напади во Колумбија во текот на вчерашниот ден, за време на парламентарни избори, јави ДПА.

Засега нема податоци кој стои зад насилствата.

Во Колумбија активни се герилски групи, паравојски и криминални банди. Вкупно 73.000 војници беа распоредени низ целата земја, со цел да се погрижат кандидатите, како и гласачите, да останат безбедни.

Вкупно 188 места во Претставничкиот дом и 108 во Сенатот, беа цел на изборите. Дел се резервирани за одредени групи, како и за малцинства.

Шест години по мировниот договор меѓу колумбиската Влада и левичарскиот ФАРК, жртвите од децениската граѓанска војна сега треба да бидат претставени и во Конгресот.

За нив, предвидени се вкупно 16 места во Претставничкиот дом.

Поранешни членови на организацијата ФАРК имаат загарантирани места во Парламентот од 2018 година.

Во 2016 година, договорот на Владата со ФАРК стави крај на 52-годишниот конфликт, што предизвика демобилизација на 7.000 борци и го претвори герилското движење во политичка партија.

Иако ФАРК освои под еден процент од гласовите во изборите во 2018 година, мировниот договор ѝ гарантираше 10 места во Конгресот. Првично, нејзиното присуство таму, предизвика критицизам, потсетија медиуми.

Вчерашните парламентарни избори се сметаа и за тест за претседателските, закажани за 29 мај.