Авганисанските дипломати низ светот, кои одбија да го признаат новиот талибански режим, се борат за продолжување на работењето, притоа соочени со се посилен притисок од Кабул да прифатат логистички замени.

Ниту еден од 60-те амбасадори, конзули или шефови на дипломатски мисии, назначени од поранешниот претседател Ашраф Гани поддржан од Запад, не прифатил да служи на талибанската власт што дојде на чело на државата во август минатата година.

Талибанската власт формално не е признаена од ниту една држава, а меѓународната заедница се обидува да изнајде начин како ќе се однесува со новите власти во Кабул, а истовремено да им помогне на Авганистанците да се справат со економската и хуманитарната криза.

„Се наоѓаме во мошне несреќна ситуација, но и натаму мораме да продолжиме да работиме под овие тешки околности. Амбасадите и натаму имаат важна улога во обидите колку што е можно да се зголеми хуманитарната поддршка, но и да помогнат во разговорите на политичка сцена за стабилизирање на ситуацијата“, изјави Јусуф Гафурзаи, авганистанскиот амбасадор во Норвешка.

Помош и резервите готовина замрзнати од САД и меѓународната заедница откако талибанците ја презедоа контролата во Кабул, полека се враќаат во земјата која долго време целосно зависеше од донаторите.

Но, Гуфурзаи и неговите колеги немале никаков контакт со новит режим, а персоналот со месеци не примил плата.

Авганистанската амбасада и нејзините конзулати во САД се затвораат наредната седмица.

„Амбасадите и конзултатите се под огромен финансиски притисок. Нивните банкарски сметки не им се достапни“, вели официјален претставник на Стејт Департментот.

Тој вели дека Амбасадата и Вашингтон направиле аранжман за „уредно затворање на сите операции на начин што ќе го заштити и сочува сиот имот на дипломатските мисии во САД додека операциите не продолжат“.

Авганистанските амбасадори низ светот беа присилени драстично да ги намалат нивните активности, да ги намалат трошоците за енергенси и храна, дури и да се преселат во помали простории. Исто така ги покачија и конзуларните такси, со цел да остварат какви такви приходи.

„Амбасадата не прима никакви средства ниту помош од Кабул. Во отсуство на финансиска поддршка и исцрпени ресурси, со месеци не можевме да го исплатиме персоналот и моравме да ги намалиме режиските издатоци на најниско можно ниво“, изјави Фарид Мамунзаи, амбасадорот на Авганистан во Њу Делхи.

Се уште не е јасно колку долго ќе бидат признаени визите, потврдите и другите документи што ги издаваат амбасадите, било од талибанските власти во Кабул, било од меѓународната заедница. Новите пасоши издадени во Кабул сега го носат новото име на државата – Исламски Емират Авганистан. Странските новинари се предупредуваат дека можеби во иднина нема да им бидат признаени на влез визите обезбедени од амбасадите низ светот.